По огласот од пред неколку денови, Министерството за транспорт и врски денеска објави уште еден повик за отуѓување на градежно земјиште во општина Аеродром. Со новиот оглас се нудат уште две парцели за изградба на станбени згради – првата е со површина од 1.506 метри квадратни и е лоцирана во близина на облакодерите „Џеваир“, а втората е со површина од 2.245 метри квадратни и се наоѓа во близина на воениот базен. Покрај за домување во станбени згради, дел од идните објекти може да се намени и за мали комерцијални и деловни дејности. Максималната висина на објектите изнесува 23,2 метри (приземје, шест ката и поткровје). Почетната цена изнесува 4.300 денари за метар квадратен.
Пријавите за учество треба да се достават најдоцна до 16 јули, а јавното наддавање ќе се одржи на 23 јули. Во прилог на документацијата, заинтересираните субјекти треба да достават банкарска гаранција во износ од 20.000 евра, со која понудувачот ќе гарантира дека ќе ги уплати финансиските средства ако биде избран во рамките на електронската постапка. Депозитот за учество на електронското јавно наддавање изнесува 700.000 денари. Аеродром е најпримамливата општина за градење на станбени згради во Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2012 година на нејзина територија се завршени 499 нови станови.