Општина Карпош пред два дена ја продаде градежната парцела за изградба на образовен објект во дворот на основното училиште „Јан Амос Коменски“ во населбата Тафталиџе [»мапа]. Приватен инвеститор го купи земјиштето со површина од 10.430 метри квадратни, по цена од 9.500 денари за метар квадратен, со што во општинската каса на Карпош ќе се слеат 99.085.000 денари или околу 1,6 милиони евра. „Билд“ се обиде да добие одговор од локалната власт кој е купувачот на градежната парцела и каков вид образовен објект е предвидено да се гради на локацијата, но оттаму не добивме одговор на нашите прашања. Постоечкиот урбанистички план за населбата Тафталиџе предвидува во дворот на основното школо да се подигне нов образовен објект со максимална бруто површина од 20.000 метри квадратни. Идното здание би било високо најмногу 13,5 метри, односно со приземје, три ката и поткровје.
Покрај основната намена за образовна дејност, просторот во новиот објект е предвиден и за мали комерцијални и деловни дејности, деловни простории, култура, спорт и рекреација. По склучувањето на договорот со општина Карпош, приватната компанија има рок од 12 месеци за да обезбеди одобрение за градба, а потоа во период од 60 месеци да го реализира проектот. Во меѓувреме, во населбата Тафталиџе 1 граѓаните и денеска продолжија со протестите против рушењето на детското игралиште и паркот на улицата „Мексичка“. На местото на постоечкиот простор за рекреација треба да се изгради станбен објект. Во текот на утрешниот ден е закажан нов протестен собир на граѓаните против изградбата на објектот за домување.