Претходна статија
Претседателот Иванов го додели признанието „Инженерски прстен 2013“
Следна статија
МЕПСО бара изведувач на класицистичката фасада на дирекцијата на компанијата

Намалување на бројот на предвидени станови за градење во април

Објавено на 05.06.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Државниот завод за статистика регистрирал пад на предвидените станови за градење во текот на април годинава. Физичките лица и деловните субјекти започнале постапка за изградба на 391 стан, со вкупна корисна површина од 34.818 метри квадратни, што претставува намалување од 11,5% во бројот на станови и намалување од 7,4% во делот на нивната корисна површина во споредба со истиот месец лани. Деловните субјекти обезбедиле градежни дозволи за реализација на 104 станови со површина од 6.584 метри квадратни, додека индивидуалните лица обезбедиле одобренија за изградба на 287 станбени единици со корисна површина од 28.234 метри квадратни.

 

Како и досега, најголем интерес владее за изведба на двособни и трисобни станови, кои се и најбарани на пазарот на недвижности. Од предвидените станбени единици, 95 ќе бидат со три соби, додека 83 со две соби. Заинтересираните инвеститори за реализација на живеалишта ги насочиле своите средства кон вложување во изградба на станови во скопскиот (202), полошкиот (71) и источниот (29) регион. Најголем интерес за подигање на нови станбени згради имало во општина Карпош со 57, а по неа следуваат општина Тетово со 48 и општина Центар со 44 предвидени станови.

 

Според податоците на статистичарите, во април 2013 година биле издадени 241 одобрение за градба, што е за 20,5% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 2.769.570.000 денари, или 23,4% повеќе во однос на април 2012 година. Од вкупниот број на градежни дозволи, 190 (78,8%) се издадени за објекти од високоградба, 21 (8,7%) за објекти од нискоградба и 30 (12,5%) за реконструкција. Од вкупно 241 објект, на 187 (77,6%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 54 објекти (22,4%) инвеститори се деловни субјекти.