Град Скопје денеска го објави вториот по ред Конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на петте кули во склоп на Градскиот трговски центар (ГТЦ) на „Кеј 13 Ноември“ во центарот на Скопје. Новиот повик од градската власт до архитектите следува по поништувањето на првичната постапка за избор на архитектонски труд од страна на жири – комисијата на Град Скопје. Во образложението на донесената одлука стои: „Оценувачката комисија согласно конкурсните услови, оцени дека приложеното решение не ги задоволува зададените конкурсни барања“. Барокен изглед на петте кули во рамките на ГТЦ беше објавен заедно со минатонеделното публикување на новата фасада на најстариот трговски центар во Скопје. Со најновата одлука на Град Скопје, архитектите ќе треба да приложат други идејни решенија за најавеното реновирање на фасадите на овие станбени згради.
Градската власт од архитектите бара новите трудови да ги исполнуваат следниве критериуми: целосно почитување на програмските барања, изводливост и одржливост, инвентивност во пристапот на обликување, економичност на решението и задоволување на сите прописи и нормативни акти за проектирање и реконструкција на фасади. Проектите треба да се достават најдоцна до 8 јули, а победничкото решение ќе ја добие првата награда во нето износ од 90.000 денари. Првиот конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на зградите во склоп на ГТЦ беше објавен на крајот од декември минатата година.