Одземање на лиценцата за работа на архитектот Жарко Чаушевски, организирање на протести и собирање на потписи против најавената промена на надворешниот изглед и уништувањето на постоечкиот концепт на Градскиот трговски центар во Скопје (ГТЦ). Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) донесе официјални заклучоци против најновата промена на фасадите на објектите лоцирани во централното градско подрачје. На вчерашниот состанок на организацијата, архитектите имаа можност да предложат мислења и идеи со кои тие ќе се спротивстават на планираната интервенција врз ГТЦ во духот на проектот „Скопје 2014“. Од ААМ апелираат да се вклучат сите невладини организации и граѓани во договарањето на мерките кои треба да се преземат за зачувување на ликот на препознатливото здание во центарот на Скопје. Покрај вчерашниот, состаноци ќе се одржуваат секој ден, додека во петок е најавена главна средба во просториите на ААМ од 19 часот.
„Нашиот протест е замислен како едно фаќање за раце, да го гушнеме ГТЦ. Затоа и ги повикуваме сите невладини и поединци кои имаат искуство и кои делувале досега со масовни собири да ги споделиме искуствата“, изјави претседателката на ААМ Даница Павловска. По неколкунеделен молк, раководството на ГТЦ минатата недела го соопшти исходот од третиот конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на фасадата и доградба на последниот кат од објектот. Анонимната жири – комисија реши да го прифати барокниот проект на архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, со кој се предвидува доградба на три куполи, десетици антички столбови и голема тераса со бројни скулптури на последниот кат од објектот.