Почетокот на долго најавуваната доградба и реновирање на Универзална Сала е одложен барем до крајот на 2011 година. Како причина се наведува нецелосната проектна документација, иако досега во повеќе наврати беше соопштувано дека проектите се готови. За проектите за ентериер, акустика и сценски технологии се уште не се објавени ниту огласи.
Универзална Сала треба да го смени својот лик според идејното решение чии автори се архитектите Ленка Маневска, Весна Кондева и Ангел Ситновски. Со доградба на нови простории и влезови, реорганизација на просторот во внатрешноста, изведба на нова фасада, нов ентериер и акустика, како и замена на старите материјали, инсталации и опрема, таа треба да се претвори во современ културен и конгресен центар. Исто така се предвидени комерцијални содржини и подземен паркинг простор. Капацитетот на салата ќе остане ист – 1500 седишта. Инвестицијата првично се проценуваше на 3 милиони евра.
Иницијативата за реновирање на Универзална Сала формално се покрена во октомври 2007 година, кога Советот на Град Скопје предложи таа да се именува Тоше Проески, но претходно да биде реновирана за да може достојно да го носи неговото име. Во меѓувреме во проектот се вклучи и Владата преку Министерството за култура. Следеа бројни најави за старт на работите, кои особено се засилија пред локалните избори на почетокот на 2009 година. Во јануари 2009 фирмата Геоинг вршеше и геомеханички испитувања на тлото, но работите стигнаа само дотаму. По изборите следеа уште неколку најави и одложувања. Последното ветување за почеток на проектот во ноември 2009 го даде градоначалникот Коце Трајановски.
Универзалната Сала официјално со работа започна на 1 Јануари 1966 година. Последен пат е реновирана во далечната 1978 година, за одржување на конгрес на Комунистичката партија на Македонија.
Форумска дискусија за овој проект –> овде