Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) инвестира преку 50 милиони евра во проекти од десетгодишниот план за развој на инфраструктурата за пренос на електрична енергија во земјава. Генералниот директор на МЕПСО Синиша Спасов во денешната изјава за медиумите истакна дека планираните зафати се интегрирани во Десетгодишниот план за развој на преносната мрежа на европскиот континент TYNDP 2012, одобрен од Европската асоцијација на преносни систем оператори. „Вложуваме во регионално важни проекти: 400 киловолтните далноводи Штип – Ниш, Битола – Елбасан и во новата 400/110 киловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид. Ќе градиме 165 километри далноводи и нова трансформаторска станица, инвестиции со вредност поголема од 50 милиони евра. Паралелно работиме и на проекти од национален интерес, од кои позначајни се ревитализација и надградба на десетина трансформаторски станици, набавка на нов СКАДА систем и набавка на нов енергетски 400/110 киловолтен трансформатор“, изјави директорот Спасов.
Изградбата на далноводите со кои Македонија ќе се поврзе со Албанија и со Србија, новата трансформаторска станица во Охрид и ревитализацијата на преносната мрежа во источна, централна Македонија и во Полог се дел од 18 приоритетни проекти на МЕПСО кои произлегоа од Студијата за развој на преносната мрежа во периодот 2010 – 2020 година. Во оваа насока, пред неколку дена МЕПСО и албанската компанија ОСТ ги започнаа подготовките за финансирање и изградба на новиот 400 киловолтен далновод кој треба да ги поврзе двете земји. Инвестицијата во овој проект е во вредност од 68 милиони евра, македонскиот дел е проценет на 43,5 милиони евра, вклучува изградба на 96 километри далновод и нова трансформаторска станица кај Охрид. Плановите се новиот далновод да биде ставен во функција до крајот на 2017 година.