Агенцијата за државни патишта ја избра градежната компанија „Гранит“ од Скопје за рехабилитација на два регионални патни правци во земјава. За реконструкција и подобрување на регионалниот пат Кавадарци – Мушов гроб (кон ски центарот „Кожуф“) е потпишан договор во вредност од 144.350.827 денари или над 2,3 милиони евра. Градежната оператива на оваа компанија треба да го реализира договорот во период од пет месеци. Дополнителен договор е склучен за рехабилитација и подобрување на регионалниот пат Ангелци – Вељуса – Водоча – Баница, за чија реализација се одвоени 35.583.622 денари или околу 570.000 евра. Овој проект треба да се заврши во наредните три месеци.
Пред неколку недели, оваа компанија склучи договори за реконструкција и изградба на општинските патишта во земјава, во вкупна вредност од преку 3,5 милиони евра. Според објавените податоци на Македонската берза, нето – добивката на „Гранит“ во текот на 2012 година изнесувала 5,2 милиони евра.