Службата за општи и заеднички работи на Владата на Македонија бара проектантско биро коешто ќе го изработи идејниот проект, ревидираниот основен проект, проектот за илуминација и проектот за усогласеност – менаџер план за новата административна зграда што ќе се гради на местото на постоечкиот Геолошки завод [»мапа]. Сите заинтересирани субјекти можат да ги достават своите понуди најдоцна до 30 април. Проектната документација ќе се создаде врз основа на идејното архитектонско решение за реализација на новиот државен објект, изработено од страна на авторот Жарко Чаушевски.
Новото здание ќе биде високо 25 метри, при што во рамки на предвидените приземје и шест ката ќе се простира канцелариски, деловен и комерцијален простор со површина од 8.027 метри квадратни. Во него е планирано да се сместат вработените од Државниот завод за ревизија, Геолошкиот завод на Република Македонија и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, додека останатиот дел ќе биде наменет за комерцијални и деловни дејности.