Архитектот Жарко Чаушевски изработи уште едно идејно решение за изградба на владин административен објект во центарот на Скопје [»мапа]. Новата зграда ќе се гради на постоечката локација на Геолошкиот завод и во нејзе треба да се сместат Државниот завод за ревизија, Геолошкиот завод и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката. На конкурсот пристигнал само еден архитектонски труд, но и покрај тоа, Службата за општи и заеднички работи на Владата се одлучи да го избере понуденото идејно решение и да го награди авторот со прв откуп во износ од 200.000 денари. Споменатиот архитект веќе учествуваше во реализацијата на неколку објекти од проектот „Скопје 2014“.
Во согласност со Деталниот урбанистички план за овој дел од центарот на Скопје, новиот административен објект со висина од 25 метри е планирано да се гради на парцела со големина од 1.899 метри квадратни. Предвиденото здание со приземје и шест ката ќе има вкупна површина од 8.027 метри квадратни, при што 51% од просторот треба да биде наменет за трите државни институции, додека останатиот дел може да биде наменет за комерцијални и деловни дејности. Објектот на Геолошкиот завод во изминативе неколку години претставуваше алтернативен пункт за организирање на многу изложби на домашни и странски ликовни уметници.