Претходна статија
Планираната соларна електрана кај РЕК Битола чека финансии од европските фондови
Следна статија
Започна изградбата на паркот „Бановина“ во Горно Лисиче

Расте понудата на недвижен имот, заедно со поволностите за граѓаните и компаниите

Објавено на 13.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонскиот пазар на недвижности е стабилен, инвеститорите продолжуваат да испорачуваат нови проекти, а граѓаните и деловните субјекти добиваат поголема можност за избор на канцелариски, малопродажен и станбен простор во поглед локација, квадратура, квалитет, функционалност и цена. Советодавната компанија од областа на недвижностите „Фортон“ ја објави анализата за придвижувањата на пазарот на недвижности за втората половина од 2012 година и прогнозите за претстојниот период. Во сегментот на канцеларискиот простор, преселувањето на Македонскиот телеком во новата зграда од речиси 11.000 метри квадратни на плоштадот „Македонија“ го одбележа анализираниот временски период. Од „Фортон“ препорачуваат натамошно прилагодување на инвеститорите кон нови зданија кои ќе одговорат на потребите и барањата на изнајмувачите на канцелариски простор, со особен акцент на ИТ секторот кој и понатаму ќе остане најинтересен партнер за склучување нови договори.

 

#Реализираниот деловен простор се зголемил за 7,4% во споредба со претходниот период, достигнувајќи речиси 290.000 метри квадратни. Кај комерцијалниот канцелариски простор од А – класа, во втората половина од 2012, забележан е раст на слободниот простор за 5%, односно достигнал вкупно 19%. Кај канцеларискиот простор од Б – класа во истиот период состојбата останала непроменета, односно се задржала на вкупно 11,5% слободен простор. Севкупниот слободен простор во двете категории пораснал за 1,5% во споредба со 2011. Како последица на континуираното зголемување на понудата и економската состојба на наемниците, цената за закуп се намалила, а особено силен пад од 20% е забележан кај канцеларискиот простор од А – класа. Изнајмувањето на сегменти од деловните објекти од А – класа во Скопје изнесувало од 8 до 13,5 евра за метар квадратен, додека цената на закуп на деловен простор од понизок ранг се движела во опсегот од 5 до 9 евра за метар квадратен. Во втората половина од 2012 година е констатиран раст на потпишувањето на договори за изнајмување, при што закупениот простор се искачил на 21.304 метри квадратни во анализираниот период. Земајќи ја во предвид прогнозата за намалување на слободниот деловен простор во 2013 година, од „Фортон“ сметаат дека во претстојниот период постои погоден терен за реализација на нови проекти од инвеститорите.

 

Отворањето на „Скопје сити мол“ ја одбележа втората половина од 2012 година. Изградениот малопродажен простор во македонската метропола нараснал на 135.000 метри квадратни, додека модерниот простор во трговските центри пораснал на 71.950 метри квадратни. Цените за закуп на продавници во шопинг центрите во Скопје се и понатаму прилично високи, во просек 40 евра за метар квадратен за малопродажниот простор со површина од 100 до 150 метри квадратни, додека изнајмувањето на дуќан на улица „Македонија“ чини 30 евра за метар квадратен и очекувањата се дека во претстојниот период тие ќе се намалат во минорни рамки. Главните сегменти што ќе го придвижат изнајмувањето во малопродажниот сектор во иднина се хипермаркетите и супермаркетите.

 

Станбениот сегмент од пазарот на недвижности забележа цврст раст во испораката на нови станови во периодот јули – декември 2012 година, но истовремено се јавил и пад на цената на живеалиштата. Градежниците испорачаа за речиси 19% повеќе нови домови на пазарот на недвижности во споредба со првата половина од 2012 година, со што вкупната бројка на станбени единици во Скопје изнесува 173.300. За сметка на тоа, продажната цена на становите се намали за дури 11% во однос на првите шест месеци од 2012 година. Истовремено, бројката на непродадени и неизнајмени станови достигна 31%, што претставува зголемување од 9% во споредба со претходното полугодие. Слободниот простор кај веќе завршените станбени проекти се намали на 4%, но затоа пак истиот кај планираните згради што треба допрва да се реализираат изнесува 41% од станбените единици.

 

Инвеститорите и понатаму најмногу нови станови градат во општините Аеродром и Центар. Становите достигнуваат највисока цена од 1.000 до 1.350 евра за метар квадратен во централното градско подрачје, додека пак живеалиштата во Ѓорче Петров се продаваат по цена од 750 евра за метар квадратен. Просечната вредност на становите во општина Аеродром изнесува 986 евра за метар квадратен. Поради континуираниот пораст во испораката на нови станови, инвеститорите ќе се соочат со зголемен процент на слободен станбен простор во објектите што ги нудат на пазарот. Од „Фортон“ сугерираат дека цените на становите треба да се намалат или пак истите да се прилагодат на побарувачката. Особено внимание инвеститорите треба да посветат кај новите станбени згради во општините Центар, Карпош и Аеродром, кои треба да ги испорачаат во согласност со барањата на потрошувачите.

 

 

» Форумска дискусија за бизнисот со недвижности во Македонија