Локалните самоуправи во главниот град, заедно со јавните претпријатија, ги преспаа зимските месеци кога станува збор за обезбедувањето подобри услови на велосипедистите и за натамошен развој на овој вид превоз во градот. На постоечките велосипедски патеки им треба прописно обележување и поправка на вертикалната сигнализација, додека реконструкцијата на дел од нив се одвива исклучиво во пакет со санацијата или пак проширувањето на некоја улица и булевар. Во недостигот на идеи, отсуствуваат и логични решенија за подобрување на условите за возење велосипед, одличје што најверојатно дека ќе го краси Скопје и во претстојната сезона. Единствен исклучок од негативната состојба во која се наоѓа велосипедскиот транспорт е потегот за воведување на системот „Park & Ride“ во новата катна гаража „Судска палата“.
Од Градот Скопје напоменуваат дека во наредниот период ќе продолжат со вложувањата во велосипедскиот транспорт, со ветување дека во овогодинешниот буџет се предвидени повеќе активности за подобрување на положбата на велосипедистите во македонската метропола. „Сите нови проширени сообраќајници ќе добијат и велосипедски патеки. Се очекува континуирано заокружување на велосипедските патеки на булеварите Митрополит Теодосиј Гологанов, Илинден и на другите кои се планирани за изградба. Покрај тоа, во тек е изработка на Програма за уредување на оштетените пешачки велосипедски патеки на постоечките булевари и во дел ќе се интервенира на нив“, велат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.
Градската власт на крајот од декември минатата година го пушти во употреба новиот мост на реката Серава, со што конечно постана функционална ролерско – велосипедската стаза на потегот од мостот „Гоце Делчев“ до мостот кај хотелот „Александар Палас“. Во проектите на градот без конкретни рокови се и активностите за обележување на велосипедските патеки во Скопје. Иако е неопределен временскиот период за спроведување, сепак од Град Скопје напоменуваат дека годинава ќе набават и нови велосипеди за проектот „Скопје изнајми велосипед“. Оттаму порачуваат дека во соработка со Ј.П. „Градски паркинг“ се подготвува проценка за отворање на нови пунктови за изнајмување на овој вид превозни средства.
Редакцијата на „Билд“ стапи во контакт со јавното претпријатие „Градски паркинг“, но притоа не наиде на разбирање во насока на добивање подетални информации за идните зафати што треба да се реализираат. Единствена достапна информација на нивната интернет – страница е дека граѓаните повторно ќе можат да ги користат јавните велосипеди од 1 април, при што можноста за рентање велосипед на плоштадот „Македонија“ веќе нема да функционира. Активни ќе бидат преостанатите три пунктови во населбите Капиштец, Центар и Аеродром.
Можеби најсветол момент за скопјани е воведувањето на системот „Park & Ride“ во катната гаража „Судска палата“. Следејќи го примерот на европските метрополи, општина Центар во соработка со Ј.П. „Паркинзи на општина Центар“ ја воведе акцијата за бесплатно изнајмување велосипед за сите оние граѓани што ќе се одлучат да го паркираат својот автомобил во новоотворената гаража. Покрај рентањето велосипеди, во рамките на зданието за сите заинтересирани лица е обезбеден и паркинг за 24 велосипеди. Локалната власт од Центар засега не дава информации дали овој проект ќе продолжи да се спроведува и на другите паркинзи во централното градско подрачје.
За жал, останатите општини на територијата на главниот град немаат никакви активности за уредување на велосипедската инфраструктура која се наоѓа под нивни ингеренции. Праксата покажува дека дури и минималните интервенции од властите се прават во оние општини во кои веќе постојат патеки и паркинзи за велосипеди. Општините Сарај, Бутел и Чаир немаат речиси ниту еден километар одделен простор за непречено движење на превозните средства на две тркала. Граѓаните кои живеат во поодалечените делови на Скопје, како што е Драчево или Илинден, немаат никаква можност да го искористат својот велосипед за да пристигнат во центарот на Скопје, освен доколку се одлучат да се движат по фрекфентните улици и да ги ризикуваат своите животи.
Можеби најактивистичкиот пристап во промовирањето на идејата за секојдневна употреба на велосипедот ја упатуваат ентузијастите кои во континуитет организираат групно возење велосипеди низ улиците на Скопје, манифестацијата „На Точак“ која набрзо ќе прослави цела година постоење. Во еден од повиците на граѓаните да излезат со своето милениче на скопските улици за организирање на критична маса се вели: „Скопје се дави во смог и во сообраќајни гужви. Скопје пред се мора да ја измери сообраќајната структура, уделите на различни типови сообраќај во вкупниот. Ниеден град не го решил проблемот со аеро – загадувањето со чекање дожд или ветер да го однесат смогот или со давање предност на возењето автомобил. Помеѓу другите активни мерки, потребно е целосно реобмислување на приоритетите во сообраќајот“.
Бојан Блажевски