Претходна статија
Отворена е нова детска градинка во општина Аеродром
Следна статија
Изградбата на Стариот театар ја надмина сумата од 30 милиони евра

Цената на македонските станови лани изнесувала 810 евра за квадрат

Објавено на 08.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Државниот завод за статистика денеска излезе со податоци во однос на придвижувањата на македонскиот пазар на недвижности. По подолго време, во текот на минатата година започнала да опаѓа цената на становите во Скопје, но истовремено е забележан пораст на цената во останатите македонски градови. На национално ниво, просечната цена на еден метар квадратен станбена површина во 2012 година изнесувал 49.941 денари или околу 810 евра и истата е за 0,4% помала во однос на претходната година. Вредноста на еден метар квадратен станбена површина во македонската метропола изнесувала 58.687 денари или 952 евра, што е 0,5% помалку во споредба со 2011 година. Наспроти ова, во останатите населени места во државата таа изнесувала 43.328 денари или околу 703 евра, што е за 4,9% повеќе во однос на претходните 12 месеци. Во ценовниот исход за минатата година кај овој вид на недвижности не е пресметан данокот на додадена вредност.

 

 

 

 

Поголеми разлики во придвижувањето на цената на становите се забележани во втората половина од 2012 година. Информациите говорат дека во овој период цената на овој вид недвижности во Скопје е намалена за 5,8%, за разлика од градовите во внатрешноста, каде е забележано нејзиното зголемување од дури 6,7% во споредба со првите шест месеци од 2012 година. Ваквата дискрепанца се одржала во текот на сите 12 месеци од минатата година, а познавачите на состојбите од овој сектор сметаат дека причините за оваа појава лежат во огромниот прилив на нови станови во главниот град, без притоа да се согледа реалната побарувачка од страна на граѓаните.

 

Како битна тенденција во градежниот сектор насочен кон изградбата на нови станови во минатата година е зголемувањето на цената на градежното земјиште, наспроти намалувањето на трошоците за градење на станбени објекти во споредба со 2011 година. Државниот завод за статистика еднаш годишно изготвува извештај за цените на становите за кои е договорена изградба.