Претходна статија
Започнаа саемите „Градежништво 2013“ и „RealExpo 2013“
Следна статија
Одобренијата за градење ќе се издаваат по електронски пат

Во јануари се зголемил бројот на предвидени станови за градба

Објавено на 06.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Продолжува трендот на пораст на изградбата на нови станови во земјава. Врз основа на издадените одобренија за градење, Државниот завод за статистика денес објави дека деловните субјекти и граѓаните во текот на јануари 2013 година предвиделе подигање на 512 нови станови, со вкупна корисна површина од 38.855 метри квадратни. Споредбено со идентичниот период лани, регистриран е пораст на бројката на предвидени станови за 7,3%, како и зголемување од 3,6% кај корисната површина на идните станбени единици. Градежните компании отпочнале со градба на 277 станови со површина од 18.359 метри квадратни, додека физичките лица фигурираат како инвеститори кај 235 предвидени живеалишта.

 

Во делот на распространетоста на новите проекти во станбениот сектор, скопскиот регион со предвидени 323 нови станови предничи, пред полошкиот регион со 90 и пелагонискиот регион со 47 станови. Општините Аеродром (110), Кисела Вода (96) и Гостивар (55) во текот на јануари биле најинтересните делови од Македонија во кои инвеститорите се решиле да започнат со градба на нови живеалишта. Домашниот пазар на недвижности преку побарувањата на граѓаните и понатаму ја определува просечната квадратура преку давање првенство на двособните (179) и трисобните станбени единици (131).

 

Статистичките податоци говорат дека во јануари 2013 година се издадени 181 одобрение за градење, што е за 7,1% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 136 (75,1%) се наменети за објекти од високоградба, 20 (11,1%) за објекти од нискоградба и 25 (13,8%) за објекти за реконструкција. Планираната вредност на објектите изнесува 1.667.678.000 денари (27,1 милиони евра), што е за 30,9% помалку во однос на истиот период лани. Главната причина за ваквиот пад произлегува од намалувањето на предвидената вредност во секторот високоградба од 34%. Од вкупно 181 објект, на 138 (76,2%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека кај 43 објекти (23,8%) инвеститори се деловни субјекти.