Транспортот на патници и стока со воз во Македонија во континуитет опаѓа, за сметка на патниот превоз кој продолжува да се развива. Македонски железници – Транспорт ја заокружи минатата година со намален број на патници за дури 35,2 отсто и пад во обемот на превоз на стока за 21,8 отсто во споредба со последните три месеци од 2011 година. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во изминатите 12 месеци возот како превозно средство го ползувале 1.013.000 патници, што претставува силен пад во користењето на услугите на МЖ – Транспорт од преку 400.000 патници. Зголемените цени на билетите во внатрешниот сообраќај најверојатно дека се главната причина за опаѓање на интересот за патување со воз кај македонските граѓани.
Железничкиот товарен сообраќај во последниот квартал од 2012 година бележи пад од 21,8 отсто во споредба со истиот период од 2011 година. Информациите говорат дека силниот пад на меѓународниот превоз на стоки преку железничкиот Коридор 10 е основната причина за негативните податоци, кои денес беа објавени од статистичарите. Наспроти ваквиот тренд на опаѓање кај железницата, патниот превоз бележи стабилен раст и во 2012 година. Товарниот патен превоз во периодот октомври – декември 2012 година бележи зголемување од 9,6 отсто во споредба со истиот период од претходната година, додека кај патничкиот превоз растот изнесува 2,8 отсто. Во националниот и меѓународниот превоз со автобус се транспортирани 15.595.000 патници. Минимално намалување на обемот на патници од 0,7 проценти во последниот квартал од 2012 година е забележано кај градско – приградскиот транспорт, а македонските превозници во градовите и околните населени места во текот на ланските месеци превезле 69.731.000 лица.
Мал раст во текот на 2012 година е констатиран кај авиосообраќајот. Услугите на авиокомпаниите лани ги искористиле 902.497 граѓани, при што во последните три месеци од годината пораснал бројот на патници за 1,5 проценти. Кај воздухопловниот транспорт е забележано опаѓање на обемот на испорачан товар од 6,3 отсто во споредба со последниот квартал од 2011 година. Државниот завод за статистика изготвува редовни статистички извештаи за актуелните придвижувања во македонскиот транспорт четири пати во рамки на годината.