Најзначајната македонска музејска установа наскоро ќе добие нова постојана изложбена поставка на површина од 450 метри квадратни, посветена на Граѓанската војна во Грција и децата – бегалци. По неколкудецениската статус – кво состојба, планирано е да се санира дел од изложбениот простор, кој претставува седиште на Археолошкиот, Историскиот и Етнолошкиот музеј. Музејот на Македонија денеска го распиша огласот за избор на најповолен понудувач што ќе ја реализира реконструкцијата. Ваквиот потег на раководството следува по најавената преселба на вредните артефакти, кои што беа изложени во оваа установа, во новиот објект на Археолошкиот музеј лоциран покрај реката Вардар, во центарот на Скопје. Компанијата што треба да ја изврши најавената санација ќе биде позната на 14 март, додека новата музејска поставка би била отворена за посетителите во пролетните месеци од 2014 година.
По долгогодишните проблеми со прокиснувањето на кровот на објектот, во 2011 година беше спроведена постапка за негова реконструкција. За овој зафат тогаш се издвоија 6,5 милиони денари од буџетот на Министерството за култура. Оваа музејска установа во континуитет има огромни проблеми со подземните води во депоата, кои претставуваат опасност за вредните експонати од богатото македонско културно и историско наследство. Постоечката главна зграда на Музејот на Македонија со површина од 9.560 метри квадратни е изградена во 1976 година, на периферна локација во Старата скопска чаршија. Музејската дејност се одвива преку изложбениот простор кој опфаќа површина од 6.000 метри квадратни и во кој на посетителите досега им беа презентирани четири постојани поставки.