Управата за извршување на санкции при Министерството за правда денеска објави оглас за избор на градежна компанија која што ќе ја реализира изградбата на нови објекти во воспитно – поправниот комплекс „Тетово“, лоциран во општина Брвеница. Во насока на задоволување на европските критериуми за сместување на затворениците, во тетовскиот затвор е планирано да се изведат неколку нови зданија, и тоа: административен блок на површина од 1.560 метри квадратни, два објекти од отворено одделение на површина од 1.260 метри квадратни, одделение со засилен надзор на површина од 640 метри квадратни, гаражи со работилници, котлара со резервоар за гориво, трафостаница со агрегат, резервоар за вода и бунари со пумпна станица.
Најповолниот понудувач на тендерот ќе треба да ги изведе безбедносните жичани огради, спортското игралиште и партерното уредување на целокупниот простор, но и неопходната водоводна, канализациона, електрична, телекомуникациска, топловодна и сообраќајна инфраструктура. Обемниот градежен зафат треба да се заврши во период од 24 месеци. Заинтересираните компании се должни да ги достават своите понуди најдоцна до 21 март, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Финансиската конструкција за изградба на овие објекти ќе биде позната по завршувањето на тендерската постапка, а средствата веќе се обезбедени, во најголем дел преку кредит од Банката за развој при Советот на Европа, а во помал дел преку грантови и од државниот буџет.