Охрид е петтиот македонски град во кој граѓаните ќе можат да ги користат придобивките на јавниот градски превоз. Од крајот на февруари ќе започнат да функционираат две градски линии за поврзување на населбите „Гоце Делчев“, „Воска“ и „Видобишта“ со автобуската станица и со центарот на градот. Возниот ред ќе го одржуваат претпријатието „Галеб“ заедно со уште една приватна автотранспортна компанија, кои ги добија линиите по распишаниот оглас од локалната самоуправа во текот на ноември минатата година. Предвидените автобуски постојки во градот веќе се обележани. Јавниот превоз за посебните групи граѓани и за пензионерите ќе биде бесплатен.
Првата кружна линија ќе започнува од населбата „Гоце Делчев“ преку булеварите „Јане Сандански“, „Туристичка“ и „Железничка“ до автобуската станица и повторно ќе се врати до населбата, додека втората линија ќе започнува од истата населба до меѓуградската автобуска станица и по булеварите „Железничка“ и „Туристичка“ ќе се движи до населбата „Гоце Делчев“. Покрај во Охрид, јавен автобуски превоз во земјава успешно е воведен во Скопје, Битола и Куманово, а сличен проект наскоро ќе започне да функционира и во Прилеп. Единствено во Скопје е основано јавно сообраќајно претпријатие за вршење на градскиот сообраќај, додека возниот ред во другите градови го одржуваат приватни автопревозници.