Претходна статија
Се изработуваат проектите за промена на фасадите во центарот на Скопје
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Привршува изградбата на луксузната населба „Верина“

Железничката станица Товарна – Скопје ќе прерасне во современ мултимодален терминал

Објавено на 12.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Македонски железници – Инфраструктура денеска го распиша огласот за избор на компанија која што ќе ја преуреди и приспособи железничката станица Товарна – Скопје во мултимодален терминал за товарање и истоварање на стоки со железница и камиони. Основањето на новиот логистички центар е планирано да го реализира државната компанија, во соработка со Министерството за транспорт и врски и со Царинската управа на Македонија. Покрај изнаоѓање на најдобро сообраќајно решение, со зафатот ќе се реализира средување на просториите во зградата, поставување на портирница со контролна рампа на влезот од терминалот, санација на магацинскиот простор и на санитарните јазли, обнова на рефлекторскиот систем за осветлување, инсталација на систем за видеонадзор со видеомониторинг и монтажа на систем за разглас, реконструкција на железничката вага и поставување на колска вага.

 

Висината на потребните финансии за проектот ќе биде позната по доставувањето на понудите од страна на компаниите. Најповолниот понудувач ќе добие рок од 12 месеци за да ја заврши адаптацијата на идниот мултимодален терминал. Заинтересираните субјекти треба да ги испратат своите понуди најдоцна до 4 март, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Царинската управа уште пред една година ја отвори новата царинска испостава „Скопје 4“, во рамките на Железничката станица Товарна – Скопје.

 

Со остварувањето на овој проект, Македонија ќе го добие првиот објект во кој на едно место ќе се врши царинење на стоката, нејзин претовар и испостава до одредената локација. Постоечката железничка станица е лоцирана помеѓу населбите Автокоманда и Ќерамидница и се состои од шест колосеци, магацински простор и вагонска вага за проценка на товарот.