Пет мали хидроелектрани со инсталиран капацитет од речиси 6 MW ќе придонесат за натамошно искористување на хидропотенцијалот на земјава, пренесува интернет – порталот „SeeNews. Германската компанија „PCC DEG Renewables“, преку претставништвото „ПЦЦ Хидро“ од Скопје, во третиот квартал од 2013 година ќе ја пушти во употреба хидроелектраната „Градечка“ со инсталиран капацитет од 720 kW. Во декември 2012 година започнаа градежните активности за изградба на енергетските објекти „Патишка река“ и „Галичник 3“, а на почетокот од годинава стартуваше и реализацијата на малата хидроелектрана „Брајчино 2“. Вкупната моќност на овие енергетски објекти е планирано да изнесува 3.256 kW. Во насока на натамошно искористување на водата за производство на електрична енергија, германскиот инвеститор предвидува изградба и на малата хидроелектрана „Крива Река“, која во моментов е во фаза на планирање и обезбедување на неопходните дозволи.
„ПЦЦ Хидро“ од Скопје уште во 2010 година ги потпиша договорите за реализација на четири мали хидроелектрани, додека во септември минатата година беше склучен договорот со македонската влада и за петтиот енергетски објект од овој тип. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во април 2011 година додели кредит во висина од 6 милиони евра за реализација на првите четири мали хидроелектрани, а во моментов со банката се преговара и за финансирање на петтиот објект. Според податоците на Министерството за финансии, досега се потпишани 70 концесии за искористување на водата за производство на електрична енергија, во кои е планирано да се вложат финансиски средства во износ од 120 милиони евра.