Идејата за изградба на паркот на ветерни електрани „Богданци“ постанува реалност. Грчкиот конзорциум „Терна – Сименс“ интензивно работи на пристапниот пат до ветропаркот, а во изминатиов период започнаа и градежните активности на 110-киловолтната трафостаница и командниот центар кој треба да ја прифати енергијата што ќе се произведува од ветерниците. Избраниот изведувач за реализација на инфраструктурниот сегмент од проектот во наредниот период треба да ја доврши изградбата на далноводот во должина од 11 километри. Досега се подигнати 19 од вкупно 39 електрични столбови за поврзување на ветерната електрана со постоечкиот енергетски систем на земјава.
Државната компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) уште во август 2012 година го потпиша договорот за набавка на 16 ветерни турбини со дански „Siemens Wind“ во конзорциум со „Siemens AS“, кои треба да пристигнат за монтажа во претстојните месеци од годинава. По реализацијата на првата фаза од овој проект, вкупната инсталирана моќност на ветропаркот се очекува да изнесува 36,8 мегавати. Изградбата на првиот ветерен парк во Македонија се остварува преку заем во износ од 32,9 милиони евра од германската развојна банка КфВ (KfW Bankengruppe) и со сопствени финансиски средства на ЕЛЕМ во висина од 22,6 милиони евра.
Реализацијата на проектот се одвива во две фази, при што во втората етапа е предвидено да се инсталираат уште шест ветерници со моќност од 13 мегавати со што вкупно инсталираниот капацитет на ветропаркот ќе достигне 50 мегавати. Стручните анализи покажуваат дека со ефективна работа на овој енергетски објект би можело да се произведуваат 100 гигават часови електрична енергија на годишно ниво.