Претходна статија
Општина Ѓорче Петров повторно бара партнер за изградба на административна зграда
Следна статија
И годинава ќе се стимулира поставувањето на сончеви колектори

Јавниот автобуски превоз во Прилеп ќе профункционира најдоцна до крајот на март

Објавено на 31.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Прилеп ќе добие јавен автобуски превоз со пет модерни автобуси кои на почетокот ќе сообраќаат на една градска линија. По неколку месечно доцнење, локалната самоуправа од Прилеп денеска излезе со информации поврзани со овој проект. Градскиот транспорт ќе биде организиран преку Ј.П. за Просторно и урбанистичко планирање, кое ќе треба да го имплементира ветувањето во првото тримесечје од оваа година. Сообраќајниот факултет од Битола ја изготви студијата за оправданост од воведување на јавниот превоз, а според публикуваната мапа во иднина треба да се воведат пет градски линии кои ќе ги поврзат сите населби во градот. Покрај набавката на автобуси, претпријатието ќе треба да постави и автобуски постојки со електронски табли за информирање на патниците.

 

Општина Прилеп за отпочнување на градскиот превоз ќе вложи преку 6.000.000 денари од локалниот буџет. Дополнителни финансиски средства за доопремување и одржување на системот ќе бидат тековно вложувани во понатамошниот период. Локалната власт не ја исклучува можноста за вклучување на приватните автопревозници во овој проект преку спроведување на принципот на јавно – приватно партнерство. Прилеп ќе биде четвртиот град во Македонија после Скопје, Битола и Куманово во кој е воведен јавен автобуски превоз. Единствено во Скопје е применет моделот за организирање на транспортот по пат на формирање на јавно сообраќајно претпријатие, додека во другите градови линиите се одржуваат од страна на приватни автобуски компании. Според првичното ветување, градскиот транспорт во Прилеп требаше да стартува во втората половина од 2012 година.

 

 

» Форумска дискусија на оваа тема