Македонската метропола доби уште една значајна музејска установа. По целосната реконструкција, Музејот на Старата скопска чаршија денеска повторно ги отвори вратите од уникатниот Сули – ан за туристите и за љубителите на најстарото урбанизирано јадро во главниот град. На свечениот чин присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и директорката на Музејот на Град Скопје Љубица Кондијанова. Со зафатот беше реновиран и адаптиран просторот за музејска поставка со површина од 355 метри квадратни, беа санирани придружните простории со површина од 118 метри квадратни, а беше обновена, збогатена и адаптирана досегашната музејска поставка. Градот Скопје за оваа намена издвои 3,4 милиони денари од локалниот буџет. Процесот на реновирање на Музејот на Старата скопска чаршија се одвиваше во период од една и пол година.
Старата скопска чаршија е еден од ретките културно – историски споменици во Македонија што има музеј во кој е прикажана богатата историја од неговото настанување до денес. Установата е формирана во 1983 година како придружна институција на Музејот на град Скопје. Поставките се поделени на археолошки дел, со предмети добиени од археолошките истражувања на чаршијата и на Скопското кале, историски дел, во кој се прикажува историјата на левиот брег на реката Вардар од 11 век до денес, етнолошки дел, чија цел е да ги претстави најпознатите занаети во чаршијата и уметничката галерија, во која се наоѓаат вредни дела на цела плејада македонски ликовни уметници кои ја црпеле инспирацијата за нивните слики од убавините на Старата скопска чаршија.