Македонските граѓани не го прифатија проектот „Купи куќа, купи стан“ во првата година од неговото постоење. Податоците покажуваат дека се остварија помалку од 10% од очекуваните резултати на министерството за финансии. Според денешните информации на надлежното министерство, досега се доделени субвенционирани станбени кредити на 110 граѓани со вкупен износ на субвенциите од 640 илјади евра. Наспроти ваквиот исход, министерот за финансии Зоран Ставрески пред почетокот на проектот во декември 2011 година изјави дека очекува да бидат одобрени меѓу 1.500 до 2.000 барања со предвидените средства од буџетот, истакнувајќи дека доколку има поголем интерес од граѓаните можно е да бидат доделени и дополнителни средства од буџетот за 2012 година. Лош исход е забележан и кај висината на доделената помош од страна на државата, бидејќи од буџетот за минатата година првично беше планирано да се одвојат финансиски средства во износ од 4 милиони евра.
И покрај незадоволителните резултати од 2012 година, македонската влада се реши да објави нови јавни повици во дневните весници, преку кои граѓаните се информираат дека 31 мај 2013 година е следниот краен рок за поднесување на барањата за субвенциониран станбен кредит до македонските банки. Апликациите можат да се доставуваат до експозитурите на НЛБ Тутунска, Стопанска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит и Стопанска банка – Битола. Максималниот заем за обезбедување на ново живеалиште е 50.000 евра, при што становите не треба да ја надминуваат вредноста од 900 евра за метар квадратен. Граѓаните имаат две опции, според првиот предлог се овозможува субвенционирање на половина од месечната рата од станбениот кредит за првите 5 години од отплатата на кредитот. Втората опција е државата да плати 50% од учеството во кредитот за купување стан или пак за изградба на куќа.
Министерството за финансии во публикуваните информации објаснува дека граѓаните можат да заштедат од 2.000 до 3.000 евра преку пониските камати што ги нуди проектот „Купи куќа, купи стан“. Комерцијалните кредити на македонските банки изнесуваат од 6,2 до 6,5% во првите три години и од 7,5 до 8,05% за останатиот период на отплата, додека пак владиниот станбен кредит нуди фиксни камати за првите пет години, и тоа од 4,99% за првите три години до 5,49% за четвртата и петтата година. Властите направиле пресметка за финансиските издатоци на граѓанинот кој би се одлучил да земе кредит во износ од 50.000 евра преку моделот „Половина рата“. Месечната рата на заемот за купување на нов дом во првите три години изнесува 329 евра, од кои владата плаќа 164,5 евра. Во следните две години, висината на ратата е 343,91 евро, при што од државниот буџет се покриваат 171,95 евра од трошоците. Проектот „Купи куќа, купи стан“ стартуваше со реализација на крајот од јануари минатата година.