Министерството за правда публикуваше оглас за избор на градежна фирма што ќе ја реализира обемната реконструкција на постоечките објекти и изградбата на нови зданија во рамките на Казнено – поправниот дом „Идризово“ [»мапа]. Во најголемата установа од овој тип во земјава најпрвин ќе се срушат дел од дотраените објекти со површина од 10.400 метри квадратни, а на нивно место е предвидено да се подигнат три објекти од отвореното одделение за мажи со површина од 5.550 метри квадратни и два објекти од полуотвореното одделение за мажи кои ќе се простираат на 4.650 метри квадратни. Најповолниот понудувач на тендерот ќе биде должен да ја изврши и неопходната реконструкција на административната зграда со површина од 1.000 метри квадратни, како и на постоечкиот ресторан со тренинг центар.
Со темелната обнова на КПД „Идризово“ е планирано да се изгради пречистителна станица, да се изведе комплетно нова водоводна, канализациона, електрична, телекомуникациона, топловодна и сообраќајна инфраструктура. Идниот изведувач на градежните работи треба да постави современи безбедносни огради – монтажно армирани бетонски ѕидови и жичани огради. Рокот за завршување на зафатот е 24 месеци по потпишувањето на договорот. Економски најповолната понуда е главниот критериум при изборот на компанија што ќе го реализира крупниот проект. На распишаниот тендер можат да учествуваат субјекти кои оствариле годишен обрт на финансиски средства од минимум 25 милиони евра во последните три години. Пријавите за учество на огласот треба да се достават до 18 февруари. Финансиските средства за реконструкција на оваа установа се обезбедени во најголема мерка преку подигнатиот кредит од 46 милиони евра од банката за развој при Советот на Европа.