Претходна статија
Втор тендер за новиот изглед на владината зграда
Следна статија
Започна изградбата на аква - паркот кај салата „Борис Трајковски“

Затворот во Шуто Оризари ќе се проширува со нови згради

Објавено на 06.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Дел од дотраените затворски згради во КПУ „Затвор Скопје“ [»мапа] ќе се уриваат, на нивно место ќе се подигнат современи зданија што ги задоволуваат високите европски критериуми за сместување на затворениците, а останатите објекти ќе бидат подложени на реконструкција. Министерството за правда деновиве го објави огласот за избор на архитектонско биро што ќе ја подготви проектната документација за изградба и санирање на објектите во оваа установа. Обемните градежни активности ќе се изведуваат врз објекти со површина од 14.800 метри квадратни, додека архитектонски проект со предложени идејни решенија ќе се изработи за целиот комплекс со вкупна површина од 6,45 хектари.

 

Извор: Министерство за правдаПокрај архитектонско – урбанистичкиот проект, планирано е да се состават основни проекти за изградба и реконструкција на објектите и за целокупната линиска инфраструктурна градба, технолошки проект за кујна, перална и пекара, проект за набавка на мебел и опрема, проект за рушење и отстранување на градби, елаборат за заштита на животната средина, за гео – механички истражувања и испитување на теренот и за истражувачки работи за користење на подземните води за поставување на топлински пумпи за греење и сообраќајно – безбедносен елаборат. Со реализацијата на овој проект ќе се зголеми капацитетот на затворот „Шутка“ на речиси 700 осудени и притворени лица, а градежниот зафат треба да заврши најдоцна до 2015 година.

 

Понудите треба да се достават најдоцна до 18 февруари, при што најповолниот понудувач по склучувањето на договорот ќе има рок од 210 денови за да го подготви проектот. Македонската влада уште пред три години обезбеди финансиски средства од Банката за развој при Советот на Европа и од европските ИПА фондови за темелна реконструкција на затворите. Вкупната инвестиција во сите казнено – поправни установи треба да изнесува 52 милиони евра, а како извор на финансирање за дел од изведбените активности ќе биде и државниот буџет.