Градот Скопје повторно не успеа да пронајде приватен партнер кој би вложил во изградбата на нов Луна-парк, иако три компании ја подигнаа тендерската документација, а една од нив достави и конкретна понуда за инвестирање во замислениот проект. Образложението за одбивање на единствената понуда од страна на градската власт е дека компанијата не ги задоволила бараните критериуми од објавениот јавен повик. Промена на стратегијата за реализација на забавниот парк со површина од 40.000 метри квадратни нема да има, па така Град Скопје наскоро ќе публикува уште еден оглас за воспоставување на јавно – приватно партнерство.
Идејата на градските власти е да се модернизираат постоечките реквизити кои се наоѓаат во склоп на објектот, но и истиот да се прошири за сметка на дел од зелените површини во Градскиот парк. Победничката компанија во новиот Луна-парк беше должна да вложи околу 12 милиони евра, а за возврат да ги собира приходите од наплатата на влезници, за кои требаше да добие добие концесија за изградба, управување и одржување на објектот во временски период од 35 години. Тендери за реализација на забавниот парк по пат на јавно – приватно партнерство се распишуваат веќе петта година по ред, а речиси сите досегашни обиди покажаа слаба заинтересираност на приватните компании за овој проект.