Владата и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката (АДСДП), годинава планираат да отпочнат со градба на 474 станови за лица со социјален ризик и други ранливи групи. Најмногу, односно 312 станбени единици ќе се реализираат во скопската општина Бутел. Во прилепската населба Точила ќе се градат 76 станови, во Кочани 43, во Демир Хисар 25, а во Ресен 18. За оваа намена се предвидени вкупно 867.833.000 денари или околу 14,1 милиони евра. Рокот за изградба за некои згради е 2014, а за некои 2015 година. Проектот е кофинансиран од ЦЕБ (CEB – Council of Europe Development Bank), а првично се планираше да заврши до јуни годинава.
За становите ќе може да конкурираат деца без родители или родителска грижа (лица над 18 години кои до својата 18-та година биле згрижени во институции и други облици на згрижување за деца без родители), корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојани (примарни) живеалишта, инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица, лица припадници на Ромската заедница (Декада на Роми) кои се социјално загрозени, самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош.
Истовремено од Владата најавуваат дека годинава ќе се започне со разгледување и припрема на дополнителни 14 локации кои евентуално ќе служат за изградба на згради со социјални станови. Оваа припрема подразбира проектирање, обезбедување на земјиштето за градба, стекнување на право на градба, како и обезбедување на потребната техничка документација.