Успешна продажба на атрактивното земјиште на кое треба да се гради елитната населба Сончев град. Општина Сопиште на денешната електронска лицитација ја отуѓи локацијата со површина од 83,56 хектари, по цена од 132 денари за метар квадратен или вкупно од оваа трансакција во општинскиот и државниот буџет ќе се слеат околу 1,8 милиони евра. Купувач на огромната парцела е турската компанија „Џеваир холдинг“ која е позната на македонската јавност како инвеститор во висококатниците што се градат во скопската населба Аеродром. „Билд“ се обиде да стапи во контакт со локалната власт од Сопиште за добивање на дополнителни информации, но оттаму не добивме одговор на нашите прашања. За да се стекне со правото на сопственост врз земјиштето, турската компанија ќе треба да ја уплати понудената сума во наредните неколку недели, по што ќе следува и официјалното склучување на договорот.
Амбициозниот проект Сончев град предвидува преку 60% од градбите во комплексот да бидат наменети за домување, од кои домувањето во индивидуални куќи учествува со 51%, станбените згради ќе учествуваат со минимум 9%, додека категоријата групно домување е вкалкулирана со максимални 5%. Во урбанистичкиот план е зацртано преку 20% од површината да биде зеленило, како и објекти за спорт и рекреација и меморијални простори. Иако е именувана како елитна населба, во проектот Сончев град се вметнати содржини кои го издигнуваат целокупниот зафат на ниво на нов мал град во близина на Скопје. Планирана е изградба на комерцијални и деловни објекти, но и јавни институции кои би ги задоволиле сите потреби на граѓаните. „Џеваир холдинг“ ќе може да го оствари проектот во неколку фази, при што во првата етапа е должен да изведе најмалку 10% од целокупната површина наменета за градење.