Раскошната фасада на Шарената џамија во Тетово повторно блесна во препознатливиот сјај. Маркантната надворешна и внатрешна декорација на верскиот објект е целосно санирана по неколкумесечниот процес на конзервација и реставрација од страна на стручни екипи, раководени од Националниот конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство. Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и амбасадорот на САД Пол Волерс денеска присуствуваа на претставувањето на резултатите од реализираниот проект. Финансиските средства за зафатот се обезбедија преку грант од Амбасадорскиот фонд за културна заштита на Соединетите Американски Држави во висина од 94.700 долари, како и 500.000 денари од Годишната програма за 2012 година на Министерството за култура.
Покрај комплетираните конзерваторски и реставраторски активности врз фасадата на Шарената џамија, во изминатите неколку години беше спроведена интервенција на ѕидното сликарство во внатрешноста, дренажа и заштита од атмосферски води и беше реставрирана фасадата на влезниот дел од џамијата и оградниот ѕид. Од 2008 година до денес во неколку наврати се работеше на ретуширање на декорациите на внатрешните ѕидови од верскиот објект, при што извршената санација ги задоволува меѓународните стандарди за заштита на спомениците на културата. Изградена во 1495 година покрај реката Пена, Шарената џамија претставува вреден споменик на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Македонија. Бројните живописно насликани орнаменти и разновидните сликарски техники го вбројуваат објектот во антологијата на светската исламска архитектура.