Долгогодишната иницијатива за изградба на скијачки центар на падините на планината Галичица повторно заживува. Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) склучи договор со хрватската „Хорват и Хорват Консалтинг“ (Horwath & Horwath Consulting) и со „Екосајн Маунтин Ризорт Планерс“ (Ecosign Mountain Resort Planners Ltd.) од Канада, за изработка на физибилити студија и на мастер план за развој и изградба на скијачки центар во Националниот парк „Галичица“. Загребските консултанти ќе работат на документацијата со која ќе се утврди можноста за реализација на идејата за ски – центар на Галичица и максимално искористување на хотелските капацитети долж охридското крајбрежје. Физибилити студијата ќе даде одговор на прашањето за висината на финансиските средства што треба да се вложат во проектот, но и на тоа дали истата би била исплатлива. Со овие неопходни документи ќе се утврди локацијата на идните скијачки патеки и најповолните опции за изградба на ски – лифтови.
Вредноста на потпишаниот договор со хрватските консултанти изнесува 14.151.150 денари или околу 230 илјади евра. За изготвување на физибилити студијата и на мастер планот ќе бидат потребни 18 месеци, а детални информации околу евентуалната изградба на скијачкиот центар би се знаеле најдоцна до почетокот на 2014 година. Досегашните идеи предвидуваа изведба на скијачки патеки на падините на планината, изградба на ски – лифтови за посетителите, но и на објекти од цврста градба, како што се ресторани и останати угостителски капацитети. Со остварувањето на проектот би се овозможил развиток на зимскиот туризам и продолжување на туристичката сезона во охридскиот регион. Од суштинска важност за неговата реализација ќе биде и проценката на влијанието на идниот ски – центар врз растителниот и животинскиот свет во Националниот парк „Галичица“.