Владата планира да влијае на намалување на цената на становите во земјава преку Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП). Во претстојниот период ќе се градат повеќе згради кои што ќе понудат станови на пазарот по цени поевтини за 15 до 20 отсто во однос на нивната сегашна пазарна вредност. АДСДП во моментов гради 527 станови во девет објекти на територијата на главниот град, а во текот на наредната година е предвидено да се започне со градба на уште 10 нови згради со вкупно 508 станбени единици. „Анализите покажаа дека притисокот за највисоки цени на станбениот квадрат се чувствува во главниот град Скопје, и затоа најголем дел од предвидените станови, и првите две фази од проектот, се планирани да се изведат во Скопје, со цел да се влијае на намалувањето на цената на квадратот во главниот град“, истакна на денешната прес – конференција портпаролот на македонската влада Александар Ѓорѓиев.
Покрај во главниот град, за наредната година е предвидено да стартува изградбата на четири згради со околу 150 станови во општините Тетово, Кочани, Гостивар и Штип. Во согласност со програмата на македонската влада, во текот на 2014 година ќе се градат дополнителни осум згради со вкупно 559 станови. АДСДП во проектот за зголемување на обемот на станови на страната на понудата ќе учествува со финансиски средства во износ од 80 милиони евра. Тие ќе бидат вложени во наредните две години, при што пазарот на недвижности ќе биде побогат за 1.724 станови изградени од јавното претпријатие. Десет отсто од комерцијалните станови ќе бидат наменети за децата без родителска грижа. Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев напомена дека во текот на наредната недела ќе се организира нов јавен оглас за продажба на комерцијални станови во Скопје по цена од 795 евра за метар квадратен.