Како и во текот на изминатите неколку години, патниот превоз на стоки и патници бележи раст, додека железницата во континуитет бележи негативни резултати. Според податоците на Државниот завод за статистика, во патниот сообраќај во третиот квартал од 2012 година се превезени 7.544.000 тони стоки што претставува зголемување од 25,4% во однос на истиот период лани. Наспроти него, со воз се испорачани 700.000 тони, со што е забележано намалување од 15,1% во споредба со третиот квартал од 2011 година. МЖ – Транспорт бележи огромен пад од 30,3% и во превозот на патници во периодот јули – септември 2012 година, при што во овој период се превезени 244.000 патници. Меѓуградскиот автобуски и другите видови на патен превоз ги користеле 3.841.000 патници или еден процентен поен помалку во однос на третиот квартал од 2011 година.
Во воздухопловниот сообраќај во извештајниот период е забележан раст на бројот на патници од 2,7% во споредба со идентичниот период лани и значително зголемување од 34,7% во однос на вториот квартал од 2012 година. Со авион во периодот јули – септември патувале 306.512 патници, додека во првите девет месеци од годинава се регистрирани 704.318 патници. Порастот на бројот на патници на македонските аеродроми може да се согледа и од бројките на Министерството за транспорт и врски, кое денеска излезе со податоци дека се превезени вкупно 830.109 патници заклучно со месец ноември годинава. Сепак, кај воздухопловниот превоз се забележува намалување на превезената стока за 5,2% во однос на третиот квартал од 2011 година, но и пад од 4,9% во споредба со претходниот квартал од оваа година.
Статистика констатира позитивен раст во сегментот на градско – приградскиот сообраќај. Во периодот јули – септември се транспортирани 13.585.000 патници што претставува раст од 1,2% наспроти истиот период лани. Ако се земе во предвид неодамнешната публикација на „Транспорт и други услуги“, тогаш може да се согледа дека во Македонија продолжува трендот на намалување на железничкиот сообраќај и пораст на градскиот, патниот и на такси превозот. Спротивно на која било европска држава, градскиот превоз во вкупниот број на превезени патници учествува со 58%, такси превозот со огромни 27%, додека со патниот транспорт се превезени 13% од патниците. Воздухопловниот и железничкиот сообраќај учествуваат со минорни 2% во вкупната бројка на транспортирани патници. Речиси идентична е состојбата и во превозот на стоки. Транспортот со камиони учествува со 92% од испорачаната стока, додека со воз се транспортирани минимални 8% од целокупниот товар во текот на 2011 година.