Општина Петровец на денешното електронско јавно наддавање успеа да продаде седум градежни парцели во мултифункционалната зона „Ќојлија“. На атрактивниот локалитет сместен близу скопскиот аеродром „Александар Велики“ и во близина на патниот и на железничкиот Коридор 10, во иднина ќе се градат шопинг центар, бензинска пумпа и пет индустриски капацитети. Трговскиот центар со компатибилна класа за намена – домување во станбени згради ќе се гради на земјиште со површина од 1.524 метри квадратни, кое се продаде по цена од 275 денари за метар квадратен. Во урбанистичкиот план тој е вцртан како комерцијален објект со приземје и два ката и со бруто површина од 2.145 метри квадратни. Локалната власт успеа да отуѓи и градежна парцела со големина од 7.873 метри квадратни, на која ќе се гради бензинска станица и услужен центар што ќе се простира на 11.032 метри квадратни.
Приватните компании на електронската лицитација најголем интерес пројавија за изградба на индустриски објекти. Продадените пет локации имаат вкупна површина од 57.124 метри квадратни на кои ќе се подигне лесна и незагадувачка индустрија со компатибилни класи на намена – мали комерцијални и деловни објекти. По потпишувањето на договорите со приватните инвеститори, во општинската каса на Петровец ќе се обезбедат дополнителни приходи во висина од 14.898.367 денари или околу 250.000 евра. Локалната самоуправа викендов во печатените изданија на македонските дневни весници објави уште два огласи за отуѓување на петнаесет градежни парцели во мултифункционалната зона „Ќојлија“. Локациите се наменети за изградба на лесна и незагадувачка индустрија, трговски центар и објект со намена за мали комерцијални и деловни дејности површина од 2.283 до 70.661 метри квадратни, поточно вкупно се огласени 337.174 метри квадратни. Вредноста на земјиштето е проценета на 120 денари за метар квадратен, односно на 250 денари за метар квадратен. Идните инвеститори ќе бидат познати на 10 и на 21 декември, за кога се закажани електронските лицитации.