Градските советници вчера го усвоија нацрт – буџетот на Град Скопје за 2013 година, кој е проектиран на ниво од околу 98 милиони евра и е за 10 отсто помал од овогодишниот. Локалната самоуправа на македонската метропола ќе се концентрира на етапно остварување на подземната сообраќајница под плоштадот „Македонија“ и на нејзината околна инфраструктура, чија изградба треба да започне кон крајот на наредната година и да чини 32 милиони евра. Вториот крупен проект што е предвиден во буџетот е започнувањето на реализацијата на скопскиот трамвај, преку распишување на меѓународен јавен повик и избор на заинтересиран инвеститор што ќе ја изгради неопходната инфраструктура и ќе го набави возниот парк. Во ставката расходи е вкалкулирана и ботаничка градина во рамки на скопската зоолошка градина.
Градот Скопје ќе продолжи да вложува во промената на надворешниот изглед на зградите кои се лоцирани на улиците „Македонија“, „Димитрија Чуповски“ и „Никола Вапцаров“ во строгиот центар на Скопје, а преку 1,5 милиони евра се предвидени и за довршување на „неокласицистичката“ Градска куќа покрај реката Вардар. Значителни средства се планирани и за решавање на проблемот со недостигот на паркинг места во центарот на Скопје. Околу два милиони евра ќе се одвојат за комплетирање на започнатите катни гаражи кај полициската станица „Беко“ и спроти седиштето на компанијата „Макпетрол“. Градските власти планираат да го стартуваат процесот на гасификација на Скопје, при што наредната година ќе се гасифицираат сите средни училишта.
Исто како и годинава, во текот на идната година ќе продолжи реконструкцијата на скопските булевари и улици, а акцент ќе се стави на веќе започнатите проекти. Кога станува збор за сообраќајната инфраструктура, следната година ќе се работи на финалните етапи од реконструкцијата на булеварите „Митрополит Теодосиј Гологанов“, на потегот од некогашната фабрика „Алумина“ до студентскиот дом „Гоце Делчев“ и на „Јане Сандански“, на потегот од крстосницата кај ресторанот „Мекдоналдс“ до улицата „Васко Карангелески“. И оваа година е предвидена реконструкција и проширување на „Христијан Тодоровски – Карпош“, сообраќајница што ги поврзува општините Бутел и Чаир. Градските власти го презедоа под сопствена капа и реализирањето на проектот за модернизација и уредување на автобуските стојалишта на територијата на Град Скопје, кој се одолговлекува веќе неколку години од страна на ЈСП – Скопје. Во нацрт – буџетот се планирани финансиски средства за реконструкција на мостот кај хотелот Холидеј Ин, за санација на тротоарите во главниот град, изградба на фекална канализација во населбата Маџари и на атмосферска мрежа долж булеварот „Србија“.