Локалните власти од општина Гази Баба денеска објавија оглас за продажба на државно неизградено земјиште предвидено за изградба на пет станбени згради и седум објекти за индивидуално домување во населбата Маџари. Понудените градежни парцели наменети за подигање на колективни живеалишта со компатибилна класа на намена за мали комерцијални и деловни дејности се со големина од 2.115 до 3.533 метри квадратни, односно на електронското јавно наддавање се огласени вкупно 13.981 метри квадратни. За изградба на индивидуални куќи е понудено земјиште со вкупна површина од 2.053 метри квадратни.
Почетната цена за локациите на кои се предвидени станбени згради изнесува 2.340 и 2.400 денари за метар квадратен, додека вредноста на оние на кои ќе се градат куќи е проценета на 61 денари за метар квадратен. Локалните власти од наддавањето очекуваат да инкасираат минимум 33.211.513 денари или околу 550.000 евра. Пријавите за учество на електронската лицитација треба да се достават најдоцна до 14 декември, додека истата ќе се одржи на 20 и на 21 декември. Најповолните понудувачи имаат рок од девет месеци за да обезбедат одобрение за градење по солемнизацијата на договорот, а објектот ќе треба да го завршат во период не подолг од шест години од денот на добивањето на градежната дозвола.