Непредвидени градежни активности се појавија и при изведбата на плоштадот „Карпошово востание“ кај црквата „Св. Димитрија“ во центарот на Скопје. Општина Центар во јули годинава склучила дополнителен договор со компанијата „Бетон“ од Скопје во вредност од 88.317.789 денари или околу 1,4 милиони евра во функција на довршување на новиот јавен простор, кој веќе го вдоми споменикот на Филип Втори. Досега во целокупниот комплекс се вложија 388.502.709 денари односно над 6,3 милиони евра наменети за изведба на градежно – занаетчиските работи од градежната оператива и за вршење на стручен надзор над изградбата на плоштадот од страна Градежниот институт „Македонија“. Вкупната сума заедно со лиењето на скулптурите во италијанската леарница „Гвастини“ од Виченца се заокружува на 9.255.000 евра, без хонорарот на уметницата Валентина Стефановска која е автор на скулптуралните дела. За телевизија „Алфа“ од општина Центар напоменуваат дека парите ќе се потрошат на каменорезачки работи, машинско кршење на камени ѕидови, поставување на тампон и хидроизолација, бетонирање на армирано – бетонски ѕидови и плочи за вентилација и на останати градежни активности.
Плоштадот „Карпошово востание“ е планирано да се состои од четири фонтани. Најголема треба да биде онаа што е во близина на Старата чаршија, на која веќе е поставена бронзената скулптура на Филип Втори во висина од 15 метри и постамент во висина од 13 метри. На спротивната страна е предвидена уште една помала фонтана, на која веќе е поставена скулптурата „Мајка со дете“ заедно со уште неколку женски скулптури. Допрва треба да се изградат преостанатите две фонтани во близина спомениците на просветителите кај Камениот мост. Паралелно со завршувањето на плоштадот, се работи и на реконструкција на управната зграда на Министерството за транспорт и врски. Градежните активности на проектот започнаа во јули 2011 година и истите треба да завршат во рок од две години или најдоцна до јули 2013 година.