Претходна статија
Општина Илинден го подготвува теренот за новата населба „Јака“
Следна статија
Реконструирани 800 метри од улицата Козле

Се бара изведувач за новата фасада на владината зграда

Објавено на 08.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Новиот неокласицистички изглед на владината зграда сепак ќе почека на реализација до наредната 2013 година. Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија објави оглас за избор на градежна компанија што ќе ги изведува неопходните активности за реконструкција и илуминација на фасадата на овој репрезентативен административен објект во центарот на Скопје. Во публикуваниот тендер не се спомнува проширување на сегашното здание, иако со актуелниот детален урбанистички план е оставена можност за надоградба на објектот. Владиното седиште со приземје и пет ката е впишано во документацијата како објект со максимална висина од 21 метри и бруто развиена површина од 42.240 метри квадратни на градежна парцела со големина од 21.548 метри квадратни.

 

Најповолниот понудувач на распишаниот оглас ќе има временски рок од 12 месеци за реализација на проектот. Победникот ќе се знае на 24 декември, за кога е планирано јавното отворање на доставените понуди. Градот Скопје и Општина Центар во изминатиов период ја ослободија надлежната владина служба од наплата на комуналии за реконструкција на фасадата и проширување на објектот, чија висина изнесуваше 206.800 евра.

 

Вкупната сума што ќе треба да се одвои од државниот буџет за овој проект ќе се знае по отворањето на понудите од градежните компании. За идниот неокласицистички надворешен изглед на владината зграда, фирмата „Архитектоника“ од Скопје веќе го изготви основниот проект, а идејното решение претставува дело на архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. За можните опции за промена на фасадата на владиното здание се изјаснија и македонските граѓани, кои преку јавна анкета го избраа архитектонскиот труд на Чаушевски и на Богатинов. Стручната јавност во неколку наврати се спротистави на ваквата одлука, додека авторот на оригиналниот проект за зградата Петар Муличковски во изјави за медиумите нагласи дека му се прекршуваат авторските права што ги поседува врз архитектонското решение.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект