Претходна статија
По втор пат започна изградбата на „Светиклиментовиот универзитет“
Следна статија
Продадено земјиштето за нова автобуска станица во Прилеп

Избрани новите фасади на 15 згради во строгиот центар на Скопје

Објавено на 31.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Проектот „Скопје 2014“ со забрзано темпо продолжува да се шири во строгиот центар на македонската метропола. Градските власти ги избра посакуваните идејни решенија за реконструкција на фасадите на 15 објекти што се лоцирани на улица „Македонија“ (бр.1, 9, 10, 13 и 25), на улица „Димитрија Чуповски“ (бр. 22, 23 и 24) и на улица „Никола Вапцаров“ (бр. 2, 3, 4, 6, 8, 10 и 12). Архитектите Звонко Ставревски и Жарко Чаушевски се победници на распишаниот конкурс за санација на постоечкиот надворешен изглед на зданијата, кои се добитници на наградите во висина од 450.000 денари и од 300.000 денари. Двајцата архитекти веќе фигурираат како коавтори на дел од објектите од проектот „Скопје 2014“ и на досегашните повици од градските власти за изработка на архитектонски решенија за промена на препознатливиот лик на зградите изградени пред неколку децении.

 

 

 

 

Од локалната самоуправа на главниот град се одлучија да не изберат идејно решение за санација на фасадите на седум објекти од улицата „Македонија“, така што за нив повторно би требало да се распише конкурс во текот на наредниот период. Иако информациите за завршениот конкурс веќе се објавени на интернет – страницата на Бирото за јавни набавки, сепак сеуште не се објавуваат визуелни материјали со кои граѓаните и стручната јавност би можеле да се запознаат со идниот изглед на објектите кои се лоцирани во строгиот центар на Скопје. Во изминатиов период се избраа неокласицистички фасади за објектите „Метропол“ и „Сити Галери“, но и за пет станбени и деловни објекти на улиците „Никола Вапцаров“ и „Димитрија Чуповски“. Досега целосно е променета визурата на зградата „Пелистер“ и на објектот над кафулето „Тренд“, а во моментов се одвиваат градежни работи на фасадата од станбената зграда на улица „11 октомври“ бр.2.