Претходна статија
Новата фасада на Министерството за правда ќе чини 2,9 милиони евра
Следна статија
ИФЦ ке ја советува Владата за патниот Коридор 8

Намалена висината на планираните облакодери во центарот на Скопје

Објавено на 26.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во просториите на Урбаната заедница Роберт Гајдиќ, денеска беше одржана јавна презентација на предложените измени во Деталниот урбанистички план „Голем ринг јужен дел – исток“, во делот кој се однесува на облакодерите кои се планирани во Ново Маало и на паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“. ДУП-от опфаќа површина од 9 хектари и е изработен од страна на проектантското биро „Билд“ од Скопје.

 

ДУП Голем ринг јужен дел - исток (опфат кај планираните висококатници)Највпечатлива промена од претходната верзија на овој ДУП е намалената максимална висина на објектите од 300 метри (приземје и 98 ката), на 180 метри (приземје, 60 ката и поткровје), но воедно е зголемена површината за градба од 21.945 метри квадратни, на 37.469 метри квадратни. Исто така единствената градежна парцела која фигурираше во претходниот план сега е поделена на три помали. Еден од авторите на планот, архитектот Бојан Муличковски, објасни дека овие измени се направени во правец на стимулирање поголем интерес кај потенцијалните инвеститори.

 

Според предложениот урбанистички план, просторот во предвидените објекти ќе може да се искористи за станбена, комерцијална и деловна намена. Паркирањето би било решено со три подземни нивоа со вкупно 6.330 паркинг места. Во средишниот простор помеѓу трите згради е зацртана јавна површина на која е предвидена голема фонтана со споменик и обележја. Токму овој простор беше главна мета на реакциите на граѓаните кои ја проследија презентацијата. Имено сопствениците на објекти и земјиште кое се наоѓа на идните јавни површини бараа нивните имоти да бидат вклучени во рамки на градежните парцели, бидејќи не веруваат дека од државата или од локалната самоуправа ќе добијат соодветно обештетување.

 

Планираната подземна сообраќајница на потегот од Комплексот банки до мостот „Гоце Делчев“, иако поминува низ опфатот на ДУП-от, сеуште не е прецизно вцртана и дефинирана. Според зборовите на планерите, тоа ќе следи откако ќе се изработи сообраќајното решение за овој важен коридор, постапка која моментално е во тек.