Директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката (АДСДП) Цветко Грозданов на денешната прес – конференција истакна дека претпријатието во периодот од јули 2011 до јули 2012 година изградило 18 станбени објекти, од кои 15 се наменети за потребите на пазарот на недвижности, а три згради се наменети за згрижување на социјално ранливите групи (со вкупно 330 комерцијални и 220 социјални станови). Тој најави дека во наредниот период ќе продолжи реализацијата на објекти со социјални станови, при што до 2015 година ќе биде обезбеден стан од страна на државатаза за 186 деца без родители и родителска грижа. „Имаме за цел 10 отсто од секоја комерцијално изградена зграда, да биде наменета за децата без родители и социјално ранливи семејства. Сакаме да излеземе од практиката цели згради да се наменуваат за овие деца и истите да ги сместуваме во различни објекти“, изјави директорот Грозданов. Идните станови со површина од 35 до 45 метри квадратни ќе бидат целосно опремени и веднаш вселиви за оваа социјална категорија на граѓани.
Во однос на моменталната состојба со катните гаражи кои се реализираат во Скопје, директорот на АДСДП информира дека два од овие инфраструктурни објекти веќе се градат, при што катната гаража во близина на седиштето на Македонски пошти и на МЕПСО се реализира со предвидената динамика, а за онаа што е лоцирана спроти „Соравија“ тој напомена дека постои мало доцнење кај градежните активности поради оправдани причини. Отпочната е и реализацијата на третата катна гаража спроти Стариот театар, во која е предвидено да се инвестираат преку 4 милиони евра.