Две градежни парцели за изградба на станбени згради во текот на денешниот ден веќе се продадоа, а Општина Струмица во јавните гласила објави оглас за отуѓување на дополнителни две локации, на кои може да се подигнат од шест до десет објекти за колективно домување со максимална висина до 22 метри. Градоначалникот на Струмица Зоран Заев упати повик до заинтересираните инвеститори да се пријават за предвиденото електронско јавно наддавање коe треба да се одржи на 21 ноември. Градежното земјиште е лоцирано во рамките на струмичката касарна, на 350 метри од централниот плоштад и на 200 метри од градскиот парк. Локалната самоуправа ја процени вредноста на земјиштето на 2.030 денари за метар квадратен и од продажбата на истото би требало да се акумулираат приходи најмалку во висина од 860 илјади евра.
Понудените парцели се со големина од 8.066 и 17.282 метри квадратни, а покрај станови во идните градби е предвидено да се лоцираат дуќани и канцелариски простор. Покрај ваквата најава, во текот на денешниот ден се отуѓија две градежни парцели за истата намена во Струмица. Првата локација на површина од 2.546 метри квадратни со намена за изградба на станбен објект со приземје и пет ката се продаде по цена од 6.500 денари за метар квадратен, додека второто земјиште со големина од 1.035 метри квадратни за изведба на колективна зграда со приземје и три ката го купи приватен инвеститор по цена од 2.300 денари за метар квадратен. Пресметките покажуваат дека во општинската каса и во државниот буџет ќе се слеат 18.929.500 денари или околу 310 илјади евра врз основа на продажбата на парцелите, а со реализацијата на овие проекти ќе се збогати понудата на станбени површини во градот.