Опаѓа пазарната вредност на станбените површини во земјите од Балканскиот полустров. Следејќи ја тешката економска состојба, падот на примањата на граѓаните, поскапувањата на основните животни намирници и стриктните мерки за штедење доведоа до намалување на изградбата на нови станови, но и пад на нивната цена. Ова е генерален заклучок за сите држави од регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Дури и во земјите со проблематичен банкарски сектор, како што е случајот со Словенија, граѓаните не се одлучуваат своите финансиски средства повеќе да ги насочат во купување на овој вид недвижности. Во согласност со објавените статистички податоци, становите во Македонија бележат намалување на нивната вредност, која не е изразена во порадикален степен како во дел од балканските држави.
Според податоците на консултантската куќа Фортон, градежните компании и агенциите за недвижност нудат станови од средна класа во главниот град по цена од 900 до 1.300 евра за метар квадратен, додека за купување на луксузно живеалиште во Скопје треба да се издвојат помеѓу 1.350 и 1.800 евра за метар квадратен. Просечната вредност за метар квадратен станбена површина во Скопје се движи под 1.165 евра, при што е забележано нејзино намалување, кое се очекува да продолжи и во последните месеци од 2012 година. На ниво на целата држава, Македонија води исклучително лоша статистичка дисциплина, па така само еднаш годишно се објавуваат податоци за вредноста на становите. Државниот завод за статистика пресметал дека издатокот за метар квадратен станбена површина на територијата на Македонија изнесувал околу 815 евра во рамки на целата 2011 година, при што официјалните информации за моменталната состојба ќе бидат објавени дури кон средината на 2013 година. Сепак, сегашните бројки покажуваат благо намалување на просечната цена на становите, кое се движи помеѓу 2 и 4 отсто на територијата на целата земја.
Речиси идентично на Македонија, кризниот период во овој сегмент од секторот недвижности продолжува и во другите балкански земји. Бугарија ги дочека првите месеци од 2012 година со намалување на вредноста на постоечките станови за 4,3%, при што нивната просечна цена изнесува 452 евра за метар квадратен и е убедливо најниска на целата територија на Балканскиот полустров. За големината на кризата укажува и податокот дека постоечката цена на недвижностите кај нашиот источен сосед е за дури 38% пониска во однос на бројките од 2008 година. Стабилизиција на позитивна нула е забележана кај цената на становите во Софија, која во почетните месеци од 2012 година изнесувала 749 евра за метар квадратен. Највисока вредност достигнуваат луксузните апартмани во центарот на Софија, чиј просек изнесува високи 1.659 евра за метар квадратен.
Нашиот северен сосед забележува пад на вредноста на новоизградените станбени површини, при што нивната средна цена е заокружена на 134.411 динари (околу 1.170 евра) за метар квадратен, односно е намалена за 0,7% во првата половина од 2012 година, во споредба со целата претходна година. Ако се земе во предвид и промената на курсот српски динар – евро, тогаш цената на колективните живеалишта е помала за 8,7% во однос на 2011 година. Белград и понатаму го придвижува српскиот пазар на недвижности, со просечна цена на новите станови од 177.516 динари (околу 1.545 евра) за метар квадратен или за 3 процентни поени помалку во однос на истиот период лани. Ако фактичката состојба се погледне во евра, тогаш вредноста на станбената површина е намалена за дури 1о,8% во споредба со 2011 година.
Помеѓу државите од регионот, Црна Гора бележи најголем пад на вредноста на новоизградените станбени површини. Црногорскиот статистички завод пресметал дека во вториот квартал од 2012 година цената на овој вид недвижности е намалена за дури 16,4% во споредба со истиот период лани, но е и за 12,9% помала во однос на првите три месеци од 2012 година. За купување на нов стан во Црна Гора во просек се потребни 1.053 евра за метар квадратен, додека во идентичниот период од минатата година оваа сума изнесувала 1.260 евра за метар квадратен. Издатокот за стан во Подгорица се движи околу 1.087 евра за метар квадратен, а приматот во целата земја сеуште го држи Будва со сума од фантастични 2.311 евра за метар квадратен.
Слично на нашата земја, Хрватска бележи мал пад на вредноста на колективните живеалишта во првото полугодие од 2012 година. Ако се земат во предвид информациите од специјализираниот интернет – портал „Центар некретнина“, тогаш средното ниво на цената на становите е опаднато за 2,6%, компарирано со истиот период од минатата година. Во Загреб може да се купи стан, чија просечна цена изнесува 1.707 евра за метар квадратен, што претставува пад од 4,6% во однос на 2011 година. Сумата варира во зависност од атрактивноста на локацијата на која се наоѓа зградата и се движи од 1.183 за приградските населби до 2.144 евра за метар квадратен за апартман во центарот на Загреб. Слично на Будва, монденскиот Дубровник и понатаму останува најскап хрватски град за купување на овој вид недвижности, со просечна цена од 2.843 евра за метар квадратен.
Идентично како и кај другите балкански земји, Словенечкиот статистички завод регистрира намалување на вредноста на новоизградените станбени површини во вториот квартал од 2012 година за 1% во однос на првите три месеци од годинава, а вкупното намалување на вредноста на овој вид недвижности изнесува речиси 12%, компарирано со периодот од пред една година. Забележано е и рекордно намалување на бројот на продадени станови на територијата на Словенија, а како позитивен показател се бележат минималните придвижувања во другите сегменти од секторот недвижности.
Конечно, ниту романскиот пазар на недвижности не може да се пофали со раст на вредноста на становите. Просекот на ниво на целата држава во периодот јануари – август изнесува 967 евра за метар квадратен и е опаднат за 6,21% во однос на идентичниот период од 2011 година. Букурешт и понатаму останува најскапиот град во Романија, средното ниво на вредноста на станбените единици изнесува 1.128 евра за метар квадратен, но притоа е регистриран пад од 4,6% во споредба со претходната година. Изненадувачки, во еден од главните економски центри во Романија – Темишвар е забележана просечна цена на становите од 790 евра за метар квадратен, додека во историските Брашов и Клуж може да се купат живеалишта за 850, односно 903 евра за метар квадратен.
Следејќи ја состојбата во соседните земји, македонските претприемачи и агенциите за недвижности во блиска иднина треба да ја намалат цената на станбените површини. Дополнително, зголемената изградба на нови згради и порастот на непродадени станови во нив, силниот раст на цените на основните намирници за живот проследен со падот на куповната моќ на семејствата, преземените мерки на штедење од страна на граѓаните, добрата кондиција на македонските банки, но и преземените мерки од типот на проектот „Купи куќа, купи стан“ натежнуваат како индикатори за натамошно намалување на просечната цена на становите, наспроти релативно стабилната состојба на трошоците за изградба на објектите, за исплата на платите на градежните работници и за купување на градежно земјиште.
Бојан Блажевски