Претходна статија
По осум месеци новите минибуси за ЈСП конечно пуштени во употреба
Следна статија
Грант од три милиони евра за реновирање на 16 училишта

Во 2011 биле изградени 5.254 станови, нивната цена паднала за 3,8%

Објавено на 21.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Просечната цена на становите во Македонија во текот на минатата година изнесувала 50.131 денари за метар квадратен односно околу 815 евра и е помала за 3,8% во споредба со 2010 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Трошоците за градење се најголемата ставка што ја диктира цената, а следуваат трошоците за набавка, подготовка и комунално опремување на градежното земјиште. Наспроти вкупната вредност која опаѓа, бројот на комплетирани станови расте од година во година – информациите покажуваат дека лани се завршени 5.254 единици што претставува највисок резултат после 2007 година. Битен фактор во бизнисот со овој вид недвижности е и бројката на недовршени станови, која минатата година достигна 5.978 и е највисока во споредба со претходните години, што би можело да претставува индикатор за степенот на заситеност на македонскиот пазар со нови станови.

 

 

 

 

Најмногу живеалишта од страна на градежниот сектор во 2011 година се изведени во скопскиот регион (1.633). По него следуваат полошкиот (1.325) и југозападниот регион (999). Од општините предничи Тетово (581), на второ место е општина Охрид (465), а на трето општина Гостивар (353). Кога станува збор за локалните самоуправи од главниот град, интересот за инвестирање во нови станови е насочен кон Центар, каде се лани се комплетирани вкупно 318 станбени единици. Градежните компании се насочуваат кон изградба на трисобни и двособни станови, бидејќи тие се и најбарани од страна на граѓаните. Според статистичарите, во рамките на претходната година се завршени 1.734 со три и 1.252 станови со две соби.