Новата зграда на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ започна денеска да се гради на локацијата на постоечкото дотраено здание во населбата Козле. Планирано е новиот здравствен комплекс да се состои од пет објекти меѓусебно поврзани со т.н. „топла врска“, при што централната градба ќе се состои од приземје и два ката. Идната болница ќе биде опремена со 100 кревети, а за сместување на пациентите се предвидени двокреветни соби. Вкупната инвестиција во проектот изнесува осум милиони евра. Градежните активности на терен ќе се реализираат во временски период од 24 месеци.
Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ беше сместен во времен објект подигнат во 1965 година, при што истиот долг период беше предмет на критика за супстандардните услови за лекување на пациентите. Изградбата на новата зграда за оваа здравствена институција е дел од Проектот за изградба и реконструкција на објекти на јавните здравствени установи во Македонија, финансиран преку задолжување кај Банката за развој на Советот на Европа и од државниот буџет. Средствата за негово имплементирање беа обезбедени уште во текот на мај 2010 година, а градежните работи кај дел од здравствените институции се започнати и е планирано да се изведат во три фази во рок од неколку години.