Седмиот месец од 2012 година го обележа огромниот пораст на предвидените станови за градење од страна на деловните субјекти и индивидуалните лица. Паралелно се зголемуваат и трошоците за изведба на нови објекти за индивидуално домување. Според податоците на Државниот завод за статистика, во извештајниот период е зацртана изградба на 1.541 стан, со вкупна корисна површина од 109.196 метри квадратни. Во споредба со истиот период лани, двојно е зголемена површината на предвидените единици за домување, додека вкупниот број на станови забележува раст од дури 221,1%. Земајќи го во предвид податокот дека во општина Аеродром започнаа неколку големи проекти на домашни и странски инвеститори, не треба да зачудува информацијата дека на нејзина територија во текот на јули 2012 година биле планирани 1.032 станови за градење, со корисна површина од 66.480 метри квадратни.
Статистичарите констатираат дека за 2,9% се зголемени градежните трошоци за изведба на индивидуални домови во вториот квартал од 2012 година, што може да биде главен индикатор за евентуален благ пораст на вредноста на становите во овој временски период. Во споредба со второто тримесечје од 2011 година, трошоците за материјали се зголемени за 3,5%, додека издатокот за вработените е пораснат за 1,5%. Идентично зголемување е забележано и во однос на првите три месеци од 2012 година, па така трошоците за градежните материјали се повисоки за 2%, додека оние за вработените бележат раст од 3,6%.
Кога станува збор за показателите во севкупниот градежен сектор, во јули 2012 година е забележано зголемување на издадените одобренија за градба за 15,2% во споредба со истиот период лани, така што нивната вкупна бројка изнесува 242. Од нив, 185 (76,5%) се наменети за објекти од високоградба, 23 (9,5%) за објекти од нискоградба и 34 (14%) за реконструкција на објекти. Најголем пораст од огромни 835,7% на предвидената вредност на објектите е констатиран во секторот високоградба, каде планираната вредност на градежните работи изнесува 17.121.080.000 денари (околу 278 милиони евра). На позитивните трендови во статистиката за градежништвото за овој месец им оди во прилог почетокот на изградбата на висококатниците во населбата Аеродром од страна на турската компанија „Џеваир“.