Консултантската куќа Фортон во анализата за движењето на пазарот на недвижности во главниот град во текот на првата половина од 2012 година, напоменува дека вредноста на становите од почетокот на годинава не се променила во значајни рамки, но истовремено во претстојните месеци од 2012 година се очекува нејзино намалување поради нееднаквоста помеѓу понудата и побарувачката. Понудата на станови е намалена за 2% во споредба со истиот период од претходната година, но истовремено опаѓа и побарувачката од страна на физичките и правните лица.
Најголемо намалување од 10% е забележано кај цената на ексклузивните станови, а просекот за метар квадратен станбена површина се движи под 1.165 евра. Понудата на градежните компании и агенциите за недвижности флуктуира од 900 до 1.300 евра за метар квадратен за живеалиштата од средна класа, додека луксузните апартмани во Скопје достигнуваат цена од 1.350 до 1.800 евра за метар квадратен. Овој тип недвижности останува атрактивен за инвестирање, па така во првото полугодие од 2012 година се граделе приближно 3.200 станови што е за 8% повеќе во однос на истиот период лани.
Аналитичарите од Фортон констатираат дека за 4% е зголемена површината на деловниот простор во првото полугодие од 2012 година, така што неговата вкупна големина достигна 265.000 метри квадратни. Во наредните месеци е планирано да се комплетираат дополнителни 40.000 метри квадратни деловен простор. Идентично како и кај станбените единици, висината на цените за изнајмување останува стабилна и истите се движат од 9 до 15 евра за метар квадратен за канцеларискиот простор од А класа и од 6 до 10 евра за канцеларискиот простор од Б класа. „Трансакциите за закуп на деловен простор забележаа пораст од 10%“, се истакнува во публикуваната анализа. Пазарот на недвижности ќе се раздвижи во претстојните месеци, благодарејќи на комплетирањето на 40.000 метри квадратни деловен простор. Предвидувањата на Фортон се дека до 2015 година ќе се понуди модерен простор за деловни намени на површина од 80.000 метри квадратни во огромните проекти, како што се трговскиот центар на Џеваир Холдинг, Сити мол во Аеродром и Шопинг мол во Петровец.