Претходна статија
Новите објекти во студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе бидат завршени до октомври
Следна статија
На гасоводот во Струмица се гради декомпресиска станица, првите приклучоци за граѓаните во август

Карпош реконструира училишта и градинки, планира нивна гасификација

Објавено на 23.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во тек е темелна реконструкција на ООУ „Братство“ која чини над 55 милиони денари односно околу 900 илјади евра, а неодамна завршија тендерите и локалните власти од Општина Карпош наскоро ќе стартуваат со реконструкција и на преостанатите основни училишта предвидени со проектот: ООУ „Владо Тасевски“, ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“, ООУ „Аврам Писевски“ и ООУ „Вера Циривири – Трена“.

 

Реконструкција на ООУ „Братство“ (извор: Општина Карпош)Реконструкција на ООУ „Братство“ (извор: Општина Карпош)Реконструкција на ООУ „Братство“ (извор: Општина Карпош)

Реконструкција на ООУ „Братство“ (извор: Општина Карпош)Реконструкција на ООУ „Братство“ (извор: Општина Карпош)Реконструкција на ООУ „Братство“ (извор: Општина Карпош)

 

 

Реконструкцијата на „Христијан Тодоровски Карпош“ ќе опфати смена на покривот, подот и прозорците, нова енергетски ефикасна фасада и обнова на тоалетите. Воедно ќе се менува комплетната инсталација за греење. Овој зафат чини над 20 милиони денари. Исто толку ќе чини и реконструкцијата на „Владо Тасевски“ каде ќе се заменат покривот, прозорците, фасадата и комплетното внатрешно уредување, како и начинот на затоплување. Со „ГАМА“ е договорено да се остави гасоводен приклучок и ова училиште да добие можност да се грее на гас, што ќе биде прв таков пример во Скопје.

 

Реконструкцијата на ООУ „Аврам Писевски“ ќе опфати промена на покривот и на фасадата, за што тендерот е веќе завршен, а тендерот за реконструкција на ООУ „Вера Циривири – Трена“ како и тендерите за четирите градинки на територија на општината („Орце Николов“ во Карпош 3,  „Пролет“ во Влае 1, „Пролет“ во Козле и „Расепана Младост“ во Карпош 1), во кои ќе се заменат покривите и делумно прозорците, ќе завршат утре.

 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, се надева дека сите градежни зафати ќе завршат до 1-ви септември. Воедно Јакимовски најави дека ќе отворат и нови тендери за промена на начинот на загревање на училиштата, бидејќи сметките од АД „Топлификација“ се превисоки. Според зборовите на градоначалникот, онаму каде што локалните власти го замениле начинот на затоплување, веќе има заштеда во трошоците за ова намена од над 60 отсто. Затоа онаму каде што може ќе се преориентираат на греење на гас, а онаму каде не може, ќе се користи нафта.