Продолжува реализацијата на ГЕФ Проектот на Светската банка, во рамките на кој се спроведуваат мерки за енергетска ефикасност во јавни згради, училишта и градинки, a основната цел е создавање пазар на услуги за енергетска ефикасност и обновлива енергија, поддржувајќи го развојот на соодветно опкружување, институционален капацитет и непходни механизми за финансирање.
Денеска во Министерството за економија беа презентирани резултатите и придобивките од првата фаза на проектот. „Во првата фаза се спроведоа мерки за подобрување на енергетската ефикасност на училишта и градинки во општините, Боговиње, Гази Баба, Зајас, Чешиново – Облешево, Кисела Вода и Кавадарци во вкупен износ од 1,5 милиони долари. Беа реконструирани 18 згради, 5 градинки и 13 училишта“, изјави министерот Сараќини, потенцирајќи дека овие средства претставуваат чист грант за општините.
Според Сараќини на околу 1.500 деца и наставнички кадар им се подобрени условите за престој и работа во реновираните згради, каде беа извршени зафати како што се поставување на изолација на надворешните ѕидови, топлинска изолација на крововите, замена на прозорци и надворешни врати, набавка и монтажа на нови системи за централно греење и промена на осветлувањето. Изведбените работи започнаа во октомври минатата година и во најголем дел од општините завршија на почетокот на март годинава, освен во Кисела Вода каде што работите се продолжија до април.
Во текот на наредните денови треба да започнат активностите во рамки на втората фаза на проектот, во која ќе се спроведат мерки за енергетска ефикасност во училиштата и градинките, меѓутоа врз основа на заедничко финансирање со општините. Министерот Сараќини најави дека во втората фаза ќе бидат вклучени општините Чаир, Желино, Конче, Валандово и Гевгелија, во кои ќе се инвестираат вкупно 2 милиони долари и тоа 1 милион од страна на ГЕФ и 1 милион од страна на општините, а ќе се реновираат вкупно 13 објекти, и тоа 4 градинки и 9 училишта.