Во првите шест месеци од 2012 година од скопскиот аеродром „Александар Велики“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид се превезени вкупно 400.188 патници, што претставува пораст од 18,4% во споредба со првата половина од 2011 година, кога услугите на двата аеродроми ги искористиле 337.888 патници. Според денешното соопштение на Министерството за транспорт и врски, во истиот период е забележан пораст на бројот на редовни летови за 8%, односно 3.766 редовни летови во периодот од јануари до јуни 2012 година, наспроти реализираните 3.487 летови во идентичниот период лани.
Прогнозите се дека новите летови на странските авиокомпании што ќе започнат да функционираат во наредните месеци дополнително ќе го зголемат сообраќајот на македонските аеродроми. Порастот на бројот на граѓани кои ги користат македонските аеродроми е континуиран во текот на сите шест месеци од оваа година, а значителен пораст е забележан и во рамки на изминатата година. Информациите од компанијата ТАВ говорат дека во текот на 2011 година се превезени вкупно 834.273 патници, со што е забележан пораст од 15% во споредба со 2010 година.
» Форумска дискусија за сообраќајот на македонските аеродроми